Манастирот Свети Наум (9 век) е лоциран на југоисточната страна од Охридското езеро, на 28 км од Охрид во непосредна близина на македонско-албанската граница. Неговото градење е поврзано со името на Свети Наум – верниот следбеник на словенските просветители Св.Кирил и Методиј. Тие во Охрид го основале еден од првите словенски универзитети во Европа. Кон крајот на својот живот, Свети Наум го одбрал најживописниот предел на Охридскиот брег – вистински рај на земјава за да го изгради манастирот кој денес го носи неговото име – Св. Наум, и е погребан таму во 910 година. И ден-денес меѓу локалните жители постои верување дека местото е свето и дека духот на Св. Наум им помага на луѓето кои имаат проблеми со добивањето деца.
Црквата е во форма на впишан крст во квадрат со купола поткрепена од четири столба. Гробот на Свети Наум се наоѓа на јужната страна во посебна одаја. Во црквата не постојат зачувани фрески од времето на Свети Наум. Според написите во црквата фреските се насликани во 1806 година од зографот Трпо, син на мајсторот Константин од Корча, Албанија. Особено импресивни се сцените од животот и чудата на Свети Наум од Охрид.
Иконостасот во црквата е направен во 1711 година. Авторите на истиот се непознати. Тие биле под влијание на копаничарските традиции од Света Гора и направиле вистинско ремек-дело. Иконите од иконостасот: „Распетие“ и „Влегување во Ерусалим“ се сметаат за едни од најдобрите остварувања од првата половина на 18 век.. Исто така, има и два кирилични и еден глаголско-кириличен напис од периодот помеѓу крајот на 10 и 12 век. Овие написи сведочат за развојот на најстарите словенски писма, глаголицата и кирилицата, во охридскиот регион.